мегдан

не можам

не сакам

не гледам

САКАМ и МОРАМ излегоа на мегдан.

стискам капаци на очи разсолзени

Пак. По којзнае кој пат. Тешка ќе биде битката.

затворам уста да не проколне

Се засукале, ги оџагариле очите, ги напнале жилите до пукнувачка, накрвени крв бараат.

стискам срце да не препукне

Заедно пораснаа, заедно остареа, а крвници за навек останаа.

чекорам за да не паднм

А мегданот, недоглед и пустелија.

сегде коров и трња џиновски

САКАМ и МОРАМ…

нема назад, не можам

Кој ќе победи???

занавек

Мегдани, саде мегдани… проклето…

пелтечам

ПрЕтСтАвА

Мора ли секоја претстава да се игра пред публика,

да заврши со длабок поклон,

и со силен аплауз.

Мора ли да има еден куп актери,

повеќето статисти,

и зловолни набљудувачи.

Мора ли да има костими,

сценографија и шарени реквизити,

светло и музика?

Мора ли да има многу реплики,

уште повеќе римарки,

и тешко одиграни три точки?

Може ли без публика, без поклон и аплауз?

Може ли без други актери,статисти и набљудувачи?

Може ли без сценографија,костими,реквизити…без светло и музика?

Може ли без реплики, римарки и три точки?

Може ли очи во очи,

во полумрак и без зборови,

може ли таква претстава

никогаш незавршена…???

ветер

Се појави од никаде. Дојде тивко. Ненајавена.

Таа беше девојка со многу лица.Со многу насмевки. И многу имиња.   Таа беше безимена.

Со име.

Со презиме.

Безимена.

Таа беше девојка со милион зборови. Недоречени. Неискжани.Таа беше занемена.

Тивка.

Гласна.

Занемена.

Таа беше девојка со многу љубовници. Разнолични. Разноимени.Таа беше нељубена.

Земана.

Оставана.

Нељубена.

Се собраа љубопитни. Ја опкружија. Ја допираа, ја тегне ја туркаа,со очи оџагарени, со раце извалкани, со души осакатени..

-Дај, викаа, дај:

- го Името,

-ги Зборовите,

- ја Љубовта.

- Ветер, рече, Ветер се викам, не сум безимена,

Зборовите не ги давам, јас сум веќе занемена,

а, Љубовта… Љубовта земете ја,  споделете ја,

јас сум многупати љубена, нељубена.

Рече.

Или не рече.

Само нежно ги помилува.

И замина… занавек замина.

Играј со мене

Играј со мене.

Како? Не знам.

Пробај. Следи ме.

Или… води ме.

Најди начин.

Играј со мене.

Не гази ме.

Ако ме згазнеш,

ако те згазнам,

нека не боли.

Играј со мене.

Без музика.

Во полумрак.

Во полумолк.

До вечноста.

Играј со мене.

Не плаши се.

Не плаши ме.

Вдиши ме.

Издиши ме.

Најди начин

играј со мене …

…куферот

Ако заминуваш земи си го и куферот. Добро, знам, голем е…Сеедно земи си го. Не ми го оставај. Во мојот подрум место нема. Нема, не остана проклето за нови куфери.

Да расчистам? Место да направам? Не можам. Темен е подрумот. И… има многу пајажина. И …прашина… се наталожила, чиниш стојат таму со векови, закатанчени. Клучевите ги измешав.

Ако заминуваш земи си го и куферот. Добро, знам преполн е. Има ноќи неспани, денови неразденети, многу зборови некажани, многу тага, многу радости… Сеедно земи си го.

Ако заминувш… куферот…

и внимавај …многу мое има во него…